Galaxy Note20 Ultra е апсолутен врв на понудата на водечкиот светски производител на смартфони

Текст и фото: НИКОЛА БУРАГЕВ

Паметните телефони од Galaxy Note серијата секогаш биле демонстрација на моќ и најдоброто што може да го понуди јужнокорејската компанија Samsung. Galaxy Note20 Ultra е апсолутен врв на понудата на водечкиот светски производител на смартфони, а дали е апсолутно најдобриот телефон што можете да го купите, ќе дознаете од нашата рецензија по повеќе од две недели тестирање.

Како што веќе се знае, наместо минатогодишната класификација во која „+“ верзијата беше поголема, Samsung оваа година се одлучи за суфиксот Ultra, слично како кај S серијата. Новиот Note 20 Ultra порасна во однос на минатогодишниот модел, и сега според димензиите е многу сличен на S20 Ultra, модел со кој има многу сличности. Од 6,8 инчи дијагонално, колку што имаше Note10+, екранот на Note20 Ultra порасна на 6,9 инчи, а благодарение на нешто поголемата широчина, има поголема активна површина од S20 Ultra (116,7 наспроти 114 см2).

Дизајн за чиста десетка

Задржан е препознатливиот Note изглед со остри рабови, наспроти заоблената S20 серија, што е една од клучните визуелни разлики помеѓу овие две серии. Помалку заоблените рабови и закривениот екран овозможија поголема површина на дисплејот во однос на целата предна страна, па тој однос сега изнесува многу високи 91,7 проценти.

Специфичниот дизајн на куќиштето овозможува и од предната страна да уживате во разнобојните верзии на куќиштето, кое дискретно ѕирка од горната и долната страна, разбивајќи ја монолитната монотонија на модерните телефони, кои делуваат исто кога ги делувате однапред. И додека големината на модулот на камерите е помала во однос на S20 Ultra, и натаму е импозантно, а во склад со дизајнот, помалку е заоблено и визуелно впечатливо.

Гледано како целина, Note 20 серијата го задржува дизајнот на Note10, додавајќи го проминентниот камера модул и препознатливиот печат на S20 серијата, како истакнат елемент што овој телефон визуелно го издвојува од сите останати. Она што најпрвин паѓа во очи е дека Note 20 серијата поседува матирана задна површина, која создава контраст со сјајната рамка и модулот на камерите, истакнувајќи ги дополнително. Додека Note20 има пластична задната страна, Ultra верзијата може да се пофали со преубаво матирано стакло, кое дополнително оневозможува задржување на отпечатоците од прсти. Модулот на камерата излегува 2,6 милиметри над површината на задната страна, што е повеќе и од S20 Ultra моделот (2,2 мм).

Алуминиумското куќиште на телефонот кај Note 20 серијата е заменето со нерѓосувачки челик, а обликот е идентичен како кај Note 10. Закривувањата на предната и задната страна делуваат идентично, а за оние кои не сакаат закривен дисплеј, Samsung го креираше Note 20, кој има целосно рамен екран. Совршено вклопените елементи се карактеристични за Note серијата, па ни кај 11. генерација ситуацијата не е поинаква. Note 20 поседува елегантно сјајно куќиште, кое во дланката ги следи контурите на екранот и задната страна. Горната и долната страна се зарамнети, што е еден од препознатливите елементи на Note серијата, а сите четири рабови поседуваат линии за подобра комуникација на безжичните врски – страничните рамки и горната страна имаат по една, додека на долната страна се наоѓаат две.

Најсветол екран досега

Типот на екран веќе виден кај S20 Ultra, Dynamic AMOLED 2X е присутен и кај Note20 Ultra. Се работи за екран кој во 1080p резолуција може да извлече освежување на дисплејот од 120Hz. За разлика од S20 Ultra, уредот не работи цело време на 120 Hz, туку присутна е опцијата Адаптивен режим, која го прилагодува освежувањето на содржината и вашето користење на телефонот. Samsung истакнува дека го префрла освежувањето помеѓу 10 Hz, 30 Hz, 60 Hz и 120 Hz, во зависност од тоа дали гледате фотографии, читате мејлови, гледате видеа или играте игри. Ова во пракса делува прилично добро, посебно ако знаете дека кога ќе го отклучите уредите или правите нешто што бара често допирање на дисплејот, Note 20 Ultra ќе го зголеми освежувањето на 120 Hz и ќе го подигне искуството на работење на највисоко ниво. Сето ова е осмислено со цел високото освежување да не ја троши батеријата кога тоа не е потребно, и кога реалните 120 Hz не значат ништо. Во реалната работа, сите апликации што вклучуваат скролање по екранот, како социјалните мрежи, Instagram или долгите сајтови работат во 120 Hz, одморајќи ви ги очите и овозможувајќи ви да гледате појасно и во текот на брзото скролање.

Она што е евидентно е дека Samsung ја зголемил светлината на овој дисплеј, а тоа посебно е корисно кога телефонот се користи во надворешни услови и на изложеност на сонце. Екранот е забележително посветол од Note10+, посебно на MaxAuto подесувањата, кога вредностите се многу блиску до рекламираните 1500 нити, кои компанијата ги посочува на својот сајт. Во секој случај, ова е најсветлиот екран што досега сум имал прилика да го тестирам. Контрастот, карактеристично за AMOLED екраните е на највисоко можно ниво, а приказот на бои стандардно е поставен на Vivid подесувањето, но доколку не сакате силно изразени и живописни бои, можете да го изберете нешто поприродниот Natural приказ, што ги смирува боите на нивото слично на IPS дисплеите.

Новиот Corning Gorilla Glass Victus заштитен слој од седмата генерација е присутен на екранот и на задната страна на Note20 Ultra, а за секој случај Samsung овој уред го испорачува со пластична заштитна фолија.

Конекции и сензори

Кога се во прашање расположливите конекции, Note20 Ultra ги поседува најбрзите WiFi 6 и Bluetooth 5.0 со A2DP, LE и aptX поддршка за прилагодување на звукот на различните уреди кои се поврзани. Остана и истиот ултразвучен сензор за отпечатоци од прсти.

Унапредување доживеа USB-C портот, кој сега е од 3.2 генерација, наместо 3.1, што беше присутна кај Note10+. Тука е и новата верзија на Samsung DeX, десктоп режимот кој сега поддржува безжично поврзување со Miracast поддржаните уреди, што е корисно кога ви е потребен голем екран за да ги завршите работите што е потешко да се изведат на мал екран.

Кај Galaxy Note20 Ultra може да се вметне една Nano SIM картичка и една MicroSD картичка за проширување на интерната меморија на уредот. На подрачјето на Скопје приемот на 4G сигналот беше одличен, а истото можеме да го кажеме и за гласноста и квалитетот на звукот при разговорите.

Моќни перформанси

Samsung Note20 Ultra доаѓа со Snapdragon 865+ чипсет за пазарот на Америка, Кина, Јапонија и Јужна Кореја и Exynos 990 чипсет за остатокот од светот, како и кај S20 серијата. Exynos 990 е нешто најдобро што го има Samsung за 2020. година. Во прашање е осумјадрен чипсет, со комбинација на новите Mongoose M5 и A76 и A55 јадра, кои имаат прилично високи фреквенции, кои во комбинација со Mali G77 MP11 графика се пресликуваат во брутални перформанси во сите сфери на работата.

Доколку се одлучите за Galaxy Note 20 Ultra, кај нас ќе добиете модел со 12GB RAM и 256GB проширлив простор за складирање. Тоа е навистина и повеќе од доволно за сите корисници.

Камерите како доминантен елемент

Со огромниот камера модул на задната страна, Samsung јасно порачува дека се работи за топ камери со извонреден квалитет. Модулот во горниот лев агол изгледа како да е направен засебно и потоа намонтиран на телефонот. Составен е од три леќи. Главната камера е 108MP со f/1.8 објектив со Dual Pixel PDAF и Laser автофокус. Оптички е стабилизирана и снима видео до 8К резолуција.

За главната камера може да се каже дека се работи за навистина добар систем, што со спојување на пикселите постигнува импознатни фотографии. Редукцијата на шумот е речиси совршена, а фотографиите се какви што сме навикнати од Samsung, малку потопли и поживописни, односно како некој да ставил HDR филтер на светот околу нас. Детали има повеќе од доволно, а со префрлање на целосната резолуција на сензорот, нивото на деталите расте ексопненцијално. Динамиката на кадарот е навистина одлична и фотографиите имаат малку засилен контраст за да изгледаат поатрактивно. Во кратки црти, се работи за една од најдобрите камери на пазарот.

Фотографиите во послаби светлосни услови нималку не заостануваат зад оние на дневно светло. Деталите се присутни, боите се заситени, а редукцијата на шумот не е толку агресивна како на дневно светло, со цел за бележење на повеќе детали. Динамиката на кадарот е на многу високо ниво, како и балансот на белата боја. Го нема оној непријатен ефект при сликањето на изворот на светло, а големиот отвор на блендата овозможува впивање на доста светло и бележење на завидна количина светлина, за што придонесува и техниката за спојување на девет пиксели во еден.

Со користењето на ноќниот режим на работа се добиваат остри, посветли слики со повеќе детали, но и повеќе шум. Потребно е да се има мирна рака на неколку секунди и камерата ќе ви биде исклучително благодарна за тоа.

Тука се уште две 12MP камери, ултраширока и перископ телефото камера со оптичка стабилизација за 5x оптички и 50x хибриден зум. Скокот на ултра-широката камера тука е повеќе од евидентен. Фотографиите се доста помирни кога се во прашање боите, богати со детали, како во светли, така и во темните делови на кадарот.

Фотографиите што ги креира телефото сензорот се изненадувачки квалитетни во услови на добро светло. Сликите се остри, што гарантира дистинкција на големото количество детали, динамиката е одлична, фокусирањето брзо, а боите се многу слични на главниот сензор, со одлична редукција на шумот. Оптичката стабилизација значително помага во неутрализација на микро-движењата, кои можат да влијаат на острината на фотографиите.

Камерите на Samsung се исполнети со опции како и секогаш. Повторно се тука режимите на снимање како Live Focus bokeh со портретни фотографии и видеа, ноќната и про камера и новата професионална видео камера. Во овој профи видео режим сега се нудат опции за избор на микрофони однапред и одзади, како и снимање со екстерни USB и Bluetooth микрофони. Додека зумирате, видеото го „зумира“ и звукот во правецот на кој снимате. Како и кај Note20, сите овие опции се достапни само додека снимате со главната камера.

Софтвер и кориснички интерфејс

Со Note20 серијата доаѓа и надградбата на корисничкиот интерфејс од 2.1 на 2.5 и неколку новини на Android 10 OS, што ќе ги забележат само корисниците кои веќе некое време го користат OneUI во 2.1 верзија. Се работи за најдоброто издание на корисничкиот интерфејс на Samsung досега. Работи убаво и мазно, а изгледа модерно и конзистентно низ целото корисничко искуство.

За пофалба е големата доза на прилагодливост на темите, одличниот темен режим, нови живи позадини и Always ON дисплеј. Едноставно се изгледа како што треба и е интуитивно. S Pen деловите на интерфејсот се исто така убаво вклопени, а нудат дополнителни функционалности.

Со интерфејсот е можно да се навигира со навигациските копчиња или гестови, се е брзо и мазно под прстите, што делумно може да се припише и на 120Hz екран.

Samsung вети и три големи надградби на Android, па можеме да сметаме на уште подолга поддршка.

Солидна автономија

Батеријата кај Note 20 Ultra порасна на 4500 mAh од 4300 mAh, колку што поседуваше Note10+. Малата разлика во капацитетот на батеријата е доволна да го надомести нешто поголемиот екран, па Note 20 Ultra може да се пофали со отприлика идентична автономија во однос на Note10+. Ова практично значи дека батеријата максимално ќе ви овозможи ден и половина користење, што е солидна автономија за уред со вакви димензии.

Конечно вистински S-Pen

Samsung доста се потрудил кај пенкалцето на Note20 Ultra. Благодарение на екранот со освежување до 120 Hz, со детекција на допир од 240 Hz и латенцијата на S-Pen која од 42 ms падна на 9 ms, користењето на пенкалото на секојдневна база претставува вистинско уживање. Компанијата успеа значајно да го унапреди S-Pen, како хардверски, така и софтверски. Од дизајнерска страна, изгледот на новото S-Pen пенкалце не е променет, но неговата брзина и можности значајно еволуираа. Со брза детекција на движењата и интелигентно предвидување на движењето на пенкалото, новото S-Pen овозможува искуство најблиску до користење на вистинско пенкало. Ова секако ќе биде корисно за оние што сакаат да цртаат и на оние на кои им е битна малата латенција.

Од софтверска страна, Air Actions (гестовите со S-Pen) добија ставка наречена Anywhere actions, со пет предефинирани движења, со кои можете да доделите некоја од функциите како што се навигација, повикување на S-Pen акција или некоја апликација. За да се активираат акциите, потребно е да го држите копчето на пенкалото и да направите некое движење во воздухот.

Заклучок

Дизајнот на новиот уред е фантастичен, без разлика дали се работи за задната страна или модулот на камерите. Galaxy Note20 Ultra е преубав смартфон и доволно поинаков од уредите во Galaxy S20 серијата. Новиот S-Pen е најдобар досега, а екранот најсветол, на што сме и навикнати од Note серијата уреди. За овој модел не е тешко да се одгатне целната група корисници. Galaxy Note20 Ultra е телефон што ќе го купат оние кои го сакаат најдоброто од најдоброто. Камерите се врвни, перформансите исто така, а времетраењето на батеријата солидна. S-Pen е тука само како дополнителна вредност, која навистина треба да се искористи.

Кај Galaxy Note20 Ultra, компанијата става акцент на неколку компоненти, а тоа се зголемената батерија во однос на претходниците, 5G поддршка (која кај нас се уште не е достапна), 120Hz освежување на дисплејот, кое создава искуство како содржините да летаат на екранот и камери што продуцираат одлични фотографии, како во дневни така и во ноќни услови на користење. За истакнување е и целокупната хардверска поставка на уредот, на чело со моќниот Exynos 990 процесор.

На тест го добивме Galaxy Note20 Ultra моделот што располага со 12 GB RAM и 256 GB простор за складирање, а моментната цена по која се продава изнесува 73.990 денари.

ПРЕДНОСТИ:

  • Фантастичен дизајн
  • Одличен екран со освежување од 120 Hz и детекција на движења на 240 Hz
  • Најсветол дисплеј што досега сме го користеле
  • Врвни камери и напредни видео можности
  • Солидна автономија на батеријата
  • Моќни перформанси и 12GB RAM
  • Стерео звук
  • Унапредено S-Pen пенкало
  • жично, безжично и реверзибилно полнење
  • One UI 2.5; DeX отсега и безжично
  • dual SIM + microSD
  • Загарантирани три ажурирања на Android

ТЕХНИЧКИ СПЕЦИФИКАЦИИ

Екран 6.9-инчи, Dynamic AMOLED 2X, 3088 x 1440 пиксели (Quad HD+) Infinity-O Дисплеј
Камери Главна: 108 MP, f/1.8, 26mm, 1/1.33″, 0.8µm, PDAF, Laser AF, OIS

Перископ телефото: 12 MP, f/3.0, 120mm, 1.0µm, PDAF, OIS, 5x optical zoom, 50x hybrid zoom

Ултра-широка: 12 MP, f/2.2, 120˚, 13mm, 1/2.55″, 1.4µm

Селфи камера: 10 MP, f/2.2, 26mm, 1/3.2″, 1.22µm, Dual Pixel PDAF

Димензии 164.8 x 77.2 x 8.1 мм / 208 гр
Процесор Samsung Exynos 990, 8 јадра, 2.7 GHz
Меморија 12GB RAM

256GB / 512GB интерна меморија

MicroSD слот (до 512GB)

SIM картичка Dual SIM (3 slot)
Батерија и полнење 4.500 mAh

25W жично
15W безжично
4.5W реверзибилно

Биометриска безбедност On-Screen Fingerprint (отисок на прст), Face Recognition (препознавање на лице)
Оперативен систем: Android 10 + One UI 2.5