Domino’s започна пилот-проект наречен „Domidog“, кој користи роботско куче за доставување пица на плажа.

„Domino’s“ тестира нов начин за достава на пица на популарна британска плажа со помош на роботско куче, моделот „Spot“ од познатата компанија Boston Dynamics.

Како дел од промотивната кампања наречена „Domidog“, овој робот со четири нозе се користи за доставување нарачки директно до песочните брегови, но има и дополнителна функција – заштита на пицата од галебите, кои се чест проблем на британските плажи.

„Spot“ е опремен со термички изолиран контејнер во кој носи пица, а со помош на GPS навигација, камери и сензори успешно се движи низ толпи и песок. Откако ќе пристигне на локацијата, роботот ја „чува“ пицата од галебите, мавтајќи со својата роботска рака за да ги исплаши и да ги спречи да ја нападнат нарачката.

Истражувањата покажаа дека повеќе од 60 проценти од посетителите на плажата во Велика Британија се жалат на галебите кои крадат храна, додека половина од испитаниците велат дека птиците често се агресивни.

Затоа од Domino’s велат дека овој пилот-проект има за цел да го подобри корисничкото искуство и да покаже како напредната технологија може да се користи во секојдневни ситуации.

Цената на таков робот достигнува до 150.000 долари, но компанијата нагласува дека засега станува збор само за промотивна активност на една локација.