Apple имаше прилично згуснат распоред во изминатиот период, па по големата презентација на новите услуги, објавија и новитети врзани за Apple Watch. Функциите вградени во четвртата генерација на паметниот часовник, кои се однесуваат на следењето на ритамот на срцето и електрокардиограм, отсега им се достапни на корисниците во Европа и Хонг Конг, соопштија од Apple. Се што е потребно за нивното активирање е да се надгради watchOS на актуелната верзија 5.2.

И веќе кога помисливме дека во објавената експанзија на Стариот континент би требало да биде застапена и Македонија, се разочаравме. Под поимот Европа, Apple овој пат мисли на 19 држави (Австрија, Белгија, Данска, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Ирска, Италија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Португалија, Романија, Шпанија, Шведска, Велика Британија и Швајцарија).

Без EKG на Apple Watch, засега ќе останат и неколкуте земји од ЕУ од подоцнежните периоди на нејзиното ширење, како на пример Хрватска и Бугарија.

Функцијата EKG е меѓу главните предности на Apple Watch Series 4, додека следењето на нерегуларниот срцев ритам им е достапно на сите корисници на Apple Watch, од првата генерација, па се до најновите верзии, бидејќи го користи само оптичкиот сензор за отчукување на срцето, кој е во часовникот од почетокот.