Meta објави дека воведува функција за резимеа базирана на вештачка интелигенција (AI) во WhatsApp.

Оваа нова опционална функција користи Meta AI за сумирање на непрочитаните пораки во разговор. Компанијата Meta вели дека ова резиме ќе биде видливо само за вас, а не за другите учесници во разговорот.

Функцијата се потпира на AI технологијата што Meta ја воведе во април, што овозможува имплементација на AI функциите без да се наруши енкрипцијата или приватноста на корисниците.

„Функцијата „Message Summaries“ користи технологија за приватна обработка (Private Processing), што ѝ овозможува на Meta AI да генерира одговор без Meta или WhatsApp воопшто да ги видат вашите пораки или приватни резимеа. Никој друг во разговорот не може да види дека сте ги сумирале непрочитаните пораки“, соопшти компанијата во блог објава.

Функцијата е исклучена по дифолт, но WhatsApp прикажува мала икона за да покаже дека функцијата ви е достапна.

Meta првично ја воведува функцијата во САД, со поддршка за англиски јазик. Планира да се прошири на повеќе земји и јазици подоцна оваа година.

Досега, корисниците можеа да користат Meta AI во разговори за да поставуваат општи прашања или да означат порака за контекст за чатбот. Сепак, Meta AI не можеше да ги чита вашите пораки.

Meta рече дека новата технолошка платформа му овозможува на WhatsApp приватно да пристапува до контекстот од вашите разговори за да обработува барања преку AI. Ова му овозможува да сумира пораки или да предлага формулации.

Новите функции управувани од вештачка интелигенција се достапни во нова опција во поставките, до кои можете да пристапите преку: Settings > Chats > Private Processing, каде што можете да ги вклучувате или исклучувате поединечните функции.