Google можеби работи на нова функција за Android која многу наликува на Contact Posters, функција со која корисниците на iPhone се многу запознаени.
Неодамнешната анализа на APK-датотеката на апликацијата Google Contacts откри код што укажува на доаѓањето на функција наречена „calling cards“ (картички за повици).
Првите индиции за функцијата беа споделени од Android Authority. Во верзијата 4.55 на апликацијата Google Contacts, пронајдени се нови фрагменти од код што споменуваат користење на слика истоворемено и како фотографија за контакт и како „картичка за повици“. Тоа не открива многу детали, но навестува функција што поврзува фотографија од профил со персонализиран екран за време на повик.
Уште поинтересно е што другите делови од кодот укажуваат на поддршка за слики на цел екран, како и за прилагодени фонтови. Овие можности се слични на она што го прават Contact Posters на Apple, што им овозможува на корисниците на iPhone да го персонализираат начинот на кој нивното име и фотографија се појавуваат на екранот на лицето што го повикуваат.
Функцијата на Apple е поврзана и со NameDrop, кој ви овозможува да разменувате информации за контакт со едноставно спојување на два телефона.
Во случајот со Android, дополнителните референци во Google Play Services споменуваат синхронизација на „calling cards“ во cloud и управување со нив на повеќе уреди. Ова би можело да значи дека корисниците ќе можат да споделат картичка еднаш и да ја користат на повеќе Android уреди.
Многу корисници веќе имаат фотографии од профилот поврзани со нивните Google сметки, па затоа проширувањето на таа слика на екраните за повици би бил лесен начин да се додаде малку персонализација на екранот кој не се променил многу.
Важно е очекувањата да бидат реални. Анализите на APK датотеките можат да откријат функции кои се во развој, но тоа не значи дека тие всушност ќе бидат објавени или кога би можеле да се појават.