Meta би можела да инвестира повеќе од 10 милијарди долари во стартап компанија.

Meta е во завршна фаза од разговорите за инвестирање во американската фирма Scale AI, што би можело да надмине 10 милијарди долари, дознава „Bloomberg“ од анонимни упатени извори.

Доколку разговорите завршат успешно, тоа би бил еден од најголемите договори за приватно финансирање во секторот за вештачка интелигенција досега.

Инвестицијата е дел од новата стратегија на извршниот директор на компанијата Meta, Марк Цукерберг, кој најави инвестиции до 65 милијарди долари во вештачка интелигенција.

Во фокусот е моделот Llama, кој Meta сака да го наметне како глобален индустриски стандард. Неговата верзија за крајните корисници е веќе достапна на Facebook, Instagram и WhatsApp, и ја користат милијарда луѓе месечно.

Scale AI, стартап компанија основана од Александар Ванг во 2016 година, е позната по своите услуги за означување на податоци кои помагаат во обуката на машински модели и веќе соработува со гиганти како Microsoft.

Во претходната рунда на финансирање во 2024 година, Scale AI беше проценет на околу 14 милијарди долари, а во тековните преговори проценката би можела да достигне 25 милијарди долари.

Компанијата со седиште во Сан Франциско минатата година оствари приход од 870 милиони долари, а се очекува приходите да се зголемат повеќе од двојно во 2025 година, на 2 милијарди долари, додаде агенцијата со седиште во Њујорк.