Субкомпактниот хечбек ќе се придружи на новата генерација на модели ASX во освеженото портфолио на компанијата за Европа.

„Colt“ – име кое јапонскиот производител не го користи извесно време, се враќа во гамата за 2023. Mitsubishi ќе ја „брише прашината“ од оваа ознака откако беше неактивна речиси една деценија.

Субкомпактниот хечбек се враќа во Европа токму на време за да ја прослави 60-годишнината од лансирањето на оригиналниот Colt 600 од 1962 година. Најавата за враќањето на некогаш навистина популарниот автомобил е поткрепена со „тизер“ фотографија, на која се гледа изгледот на новиот модел и дизајнерските детали.

Техничките спецификации засега се тајна, но од Mitsubishi велат дека Colt за 2023 година ќе биде поставен на CMF-B механичката платформа на алијансата Renault-Nissan. Тоа значи дека малиот хечбек со 5 врати ќе биде механички поврзан со модели како Renault Clio и Nissan Micra.

На првата фотографија се гледа дека сосема новиот Colt ќе има „скриени“ рачки на задните врати, поставени кај Ц-столбот. Значката „Hybrid EV“ на предната врата открива дека се планира електрифицирана погонска единица.

Ова е веројатно истата конфигурација што ја користи Clio E-Tech Hybrid каде бензинската атмосфера од 1,6 литри работи заедно со електричниот мотор за да испорача комбинирана моќност од 140 КС.

Покрај моделот Colt, Mitsubishi на Европејците ќе им понуди и нов ASX, како сестрински модел на Renault Captur. И двата модели ќе користат механика на Renault, а ќе се изработуваат во фабриките на францускиот производител. Малиот SUV ќе пристигне прво, на почетокот на следната година, а Colt нешто подоцна, есента 2023 година.