Часовниците обично се користат за покажување време – но ако го прашате шведскиот бренд Our Legacy, ни тоа не е баш потребно.

Тие го претставија часовникот No Time Watch, а името не е шега – овој часовник навистина не покажува време бидејќи едноставно не е функционален. Не прави ништо и тоа е целата поента, а според брендот, тоа е часовник чија намена е чисто декоративна.

Изработен е од четкано сребро (925 стерлинг) и доаѓа со луксузен кожен ремен Horween Chromexcel. Има релјефни ознаки за часови, фиксна декоративна круна, но нема механизам. Секое парче е рачно изработено во Португалија, па затоа се очекуваат мали разлики помеѓу часовниците.

No Time Watch не е таму за да го покажува времето – неговата улога е да изгледа добро на зглобот.

Цената на овој додаток е 790 евра, што е доста за нешто што не прави ништо, освен што можеби изгледа добро.

„Ова е неверојатно глупаво. 1000 долари за часовник што нема функција? Целосно завршив со „мода““, „Тотална глупост“, „Браво“, „Разочаран сум. Жал ми е што бренд како OL одлучи да тргне по овој пат – скапа глупост без вистинска цел. Можеби инвестицијата на LVMH им отиде во глава“, коментираат корисниците на социјалните мрежи за овој „часовник“.