Археолозите пронајдоа огромен тунел под храм кој датира од древниот Египет и сега веруваат дека тоа би можело да биде премин до гробницата каде што била погребана Клеопатра.

Министерството за туризам и антиквитети на Фејсбук објави дека тунелот е долг 1.300 метри и се наоѓа на длабочина од 13 метри под градот Тапосирис Магна, недалеку од Александрија, кој е основан во 4 век п.н.е., а каде се наводно Клеопатра и нејзиниот љубовник, римскиот државник Марк Антониј, погребани по нивната смрт. Исто така, се вели дека тунелот бил откриен 20 метри под храмот на египетскиот бог на подземјето Озирис.

Новооткриениот тунел е многу сличен на тунелот Еупалинос на островот Самос во Грција, а археолозите го нарекоа „геометриско чудо“.

Тунелот го пронашол водечкиот археолог на доминиканско-египетската експедиција, Катчеен Мартинез, која повеќе од 15 години ја барала гробницата на Клеопатра во градот Тапосирис Магна. Таа и нејзините колеги веќе пронајдоа тајни премини и интригантни богатства во храмот, вклучително и збирка монети со името и ликот на Клеопатра.

Сепак, бројни земјотреси ја потресоа областа и ги отежнаа ископувањата, а водата што навлезе од Средоземното Море потопи голем дел од храмот. Делови од неодамна откриениот тунел се уште се под вода.

Научниците се уште расправаат дали во храмот во споменатиот град била сместена Клеопатра, па не е познато дали овој тунел навистина ќе помогне во лоцирањето на гробницата на последната кралица на древниот Египет.