YouTube постојано смислува „иновативни“ начини за прикажување реклами на корисниците.

Без разлика дали станува збор за реклами што може да се прескокнат, реклами што не може да се прескокнат или некој трет тип, крајната цел е секогаш иста: да се најде уште повеќе простор за генерирање поголем профит.

Сега, благодарение на напредокот во вештачката интелигенција, YouTube пронајде сосема ново место за вметнување реклами – токму во оние моменти кога нешто особено возбудливо се случува во видеото.

Оваа идеја стои зад „Peak Points“, нов рекламен производ поддржан од Google Gemini. Овој систем користи вештачка интелигенција за да ги идентификува најемоционално интензивните моменти во популарните видеа на YouTube, а потоа поставува реклама токму таму.

Да, добро прочитавте, токму кога сте пред кулминација, ќе се појави реклама што ќе ви го прекине уживањето.

За огласувачите, ова може да звучи како маркетиншки сон. Сепак, за гледачите, ова е веројатно најлошиот можен тајминг. YouTube дури покажа и пример каде што реклама се појавува веднаш откако некој ќе ѝ предложи брак на друга личност во видеото, објави Android Authority.

Сè уште не е познато дали овие реклами од „Peak Point“ ќе можат да се прескокнат или не – изгледа дека ќе мора да дознаеме на тешкиот начин.

Секако, ако сакате да го избегнете сето ова, секогаш постои YouTube Premium, „крајното решение“ за проблемот со рекламите што самиот YouTube го создаде. На крајот на краиштата, ова е уште една „win-win“ ситуација – но за YouTube, а не за корисниците.