Google постигна прелиминарен договор со Тексас и се согласи да плати 1,375 милијарди долари за кршење на законите за приватност.
Главниот обвинител на Тексас, Кен Пакстон, изјави дека договорот е „историска победа“ за заштита на правата на приватност и безбедност на жителите на Тексас.
Тој додаде дека ова е најголемата спогодба што една држава ја постигнала против Google во слични тужби за кршење на приватноста, објавува „Тексас трибјун“.
Спогодбата се однесува на две тужби во кои се вклучени три производи на компанијата, во кои се тврди дека се прекршени законите за заштита на потрошувачите во Тексас, објави Ројтерс.
„Во Тексас, големите технолошки компании не се над законот. Со години, Google тајно ги следеше движењата на луѓето, нивните приватни пребарувања, па дури и нивниот глас и геометрија на лицето преку своите производи и услуги. Јас возвратив и победив“, рече Пакстон.
Деталите од спогодбата не беа откриени, ниту пак беше наведено како ќе се користат парите.
Google соопшти дека спогодбата ги опфаќа обвинувањата поврзани со режимот „инкогнито“, историјата на локацијата и биометриските податоци.
Компанијата се оградува од каква било одговорност.
„Со оваа спогодба, решаваме голем број стари обвинувања, од кои многу веќе се решени на друго место, а кои се однесуваат на политиките за производи што одамна ги променивме“, изјави портпаролот на компанијата, Хозе Кастанеда.
Пакстон го тужеше Google двапати во 2022 година.
Тој, исто така, ја обвини компанијата дека ги следи локациите на корисниците дури и кога тие мислеле дека ја исклучиле функцијата, како и дека ги заведува во врска со приватноста на режимот „Инкогнито“.
Според Google, спогодбата не вклучува никакви промени во производот, а во изјавата на Пакстон не се споменува дали спогодбата ќе ја принуди компанијата да ги промени своите деловни практики.
Meta Platforms, сопственикот на Facebook и Instagram, се согласи да плати 1,4 милијарди долари минатата година за да реши слични обвинувања поднесени од Пакстон.