Почнувајќи од 1 октомври, корисниците на интернет од Кина ќе мора да го потврдат својот идентитет дури и кога коментираат на објави, со цел да се спречат анонимните коментари.

Најновото правило е последно од низата промени воведени од владата, со цел да ја зајакне контролата над користењето на интернет во земјата.

Според Администрацијата за сајберпростор на Кина, веб страниците како социјални мрежи и форуми за дискусија ќе мора да го потврдуваат идентитетот на регистрираните корисници пред да им биде дозволено да објавуваат било што на своите платформи.

Коментарите на вестите исто така ќе се разгледуваат од веб страницата, пред да се појават онлајн, пишуваат кинеските медиуми.

На приме, Жиху, веб страница за дискусии слична на Квора, веќе почнала да бара од корисниците да го потврдат својот идентитет со телефонскиот број, кој инаку во Кина е поврзан со матичниот број.

Оние кои ќе го одбегнат овој чекор нема да смеат да постираат на страницата.

Од Администрацијата велат дека новото правило се воведува за да се борат со лажните вести. Онлајн коментарите им даваат важност на „лажните гласини, пцостите и нелегалните информации“.

На почетокот на јули, Кина забрани стриминг во живо, како и пристап до виртуелни приватни мрежи (VPNs).

Многу луѓе од Кина зависеа од VPN провајдери за да пристапат до популарните странски веб страници кои се блокирани во државата, како Гугл, Фејсбук и Твитер.

Извор: Радио МОФ