Воведени се ограничувања за користење на телефони за време на часовите во училиштата.
Финска донесе закон со кој се ограничува употребата на телефони и други мобилни уреди за време на часовите во основните и средните училишта, поради страв од нивното влијание врз благосостојбата и учењето на учениците.
Според промените, кои беа одобрени од финскиот парламент минатата недела, а ќе стапат на сила на 1 август, мобилните уреди ќе бидат строго ограничени за време на наставата, објавува „Гардијан“.
На учениците ќе им биде дозволено да ги користат само со дозвола од наставникот за здравствени или образовни цели.
Финска е најновата европска земја што воведе законски ограничувања за употребата на телефони и други мобилни уреди во училиштата поради растечките докази за нивното влијание врз децата и младите, вклучително и вниманието и самодовербата.
Порано оваа година, Данска објави дека ќе ги забрани мобилните телефони во сите училишта.
Претседателот на комисијата за социјална помош на земјата, Расмус Мејер, за „Гардијан“ изјави дека мерката е неопходна за да се спречи училиштата да бидат „колонизирани од дигитални платформи“ и го повика остатокот од Европа да го следи примерот.
Ограничувања за мобилни телефони воведе и Франција, која им забрани на учениците од основните и средните училишта да користат телефони во училишните простории во 2018 година, како и Норвешка, која неодамна објави строга минимална возрасна граница од 15 години за користење на социјалните медиуми.
Поврзани артикли