Кандидатот на американскиот претседател Доналд Трамп за директор на НАСА, Џеред Ајзакмeн, рече дека вселенската агенција ќе даде приоритет на испраќање американски астронаути на Марс.

„Наш приоритет ќе биде испраќање американски астронаути на Марс. На тој пат, неизбежно ќе ги развиеме способностите потребни за враќање на Месечината и да ги утврдиме придобивките од постојаното присуство на површината на Месечината“, рече Ајзакмeн во писмената изјава подготвена за сослушување пред Комитетот за трговија, наука и транспорт на американскиот Сенат.

Ројтерс во понеделникот објави дека Ајзакмeн, зборувајќи со сенаторите минатата недела, ја истакнал важноста да се вратат луѓето на Месечината пред Кина да го стори тоа. Неговите зборови донекаде ја намалија загриженоста дека програмата на НАСА за Месечина, вредна повеќе милијарди долари, може да биде загрозена со префрлање на фокусот на Марс.

Програмата „Артемис“ на НАСА, која има за цел да ги врати луѓето на Месечината, беше лансирана за време на првиот претседателски мандат на Трамп како начин да се тестираат технологиите потребни за мисии на Марс со подолг дострел.

Неговиот став за програмата „Артемис“ се очекува да биде жестоко дебатиран за време на сослушувањето во Сенатот.

НАСА веќе инвестираше милијарди долари во програмата за враќање на Месечината, соработувајќи со американските сојузници и бројни приватни компании, вклучително и „Спејс Икс“ на Илон Маск, кој ја гледа Месечината како иден пазар.

Сепак, во неговиот втор претседателски мандат, Трамп се повеќе јавно го истакнува Марс како врвна цел. Маск, кој лобираше за номинацијата на Исакман, смета дека вниманието се оттргнува од патот кон Црвената планета.

Ајзакмeн нагласи дека повеќето американски вселенски програми ги надминуваат предвидените буџети и доцнат со роковите.

„Тоа е обесхрабрувачки бидејќи луѓето денес гледаат кон ѕвездите и се прашуваат што има таму, а не што ќе биде таму за неколку децении“, наведува тој.