Албанската влада денеска донесе одлука да ја забрани апликацијата TikTok на 12 месеци поради содржина која наводно поттикнува насилство и малтретирање, особено кај децата.

Албанската министерка за образование Огерта Манастирлиу рече дека владата е во контакт со TikTok за инсталирање филтер за родителска контрола, како и вклучување на албанскиот јазик во апликацијата, пренесува АП.

Албанските власти одржаа 1.300 состаноци со околу 65.000 родители кои „препорачаа и беа за затворање или ограничување на платформата TikTok“, рече министерката.

Владата во Тирана покрена иницијатива за затворање на апликацијата минатата година, откако тинејџер избоде до смрт друг тинејџер во ноември по расправија што започна на TikTok.

Рама денеска изјави дека владата е во „позитивен дијалог со компанијата“ која наскоро ќе оди во Албанија за да понуди „низа мерки за зголемување на безбедноста на децата“.

Компанијата соопшти дека не нашла докази дека сторителот или жртвата имале профили на TikTok, а повеќе извештаи всушност потврдиле дека видеата што довеле до овој инцидент биле објавени на платформа различна од TikTok.

Родителите според написите, изразиле загриженост по извештаите на децата кои се инспирирани од содржината на социјалните мрежи да носат ножеви на училиште, или случаите на малтретирање промовирани со приказни што ги гледаат на TikTok.

Властите го зголемија полициското присуство во некои училишта и воведоа други мерки, вклучително и програми за обука на наставниците, учениците и нивните родители.

Албанската опозиција не се согласи со затворањето на TikTok и го одреди 15 март како ден за протест против тој потег, тврдејќи дека забраната е „чин на нетрпеливост, страв и терор против слободата на мислата и изразувањето“, пренесува Танјуг.