Калифорниската технолошка компанија Adobe ја претстави верзијата на својата популарна апликација Photoshop за iPhone уредите на Apple.
Според компанијата, станува збор за бесплатна апликација за уредување и дизајнирање фотографии за мобилни телефони која ќе им овозможи на креаторите да додаваат, отстрануваат, приспособуваат и комбинираат содржина на оперативниот систем iOS „за да создадат богати, уникатни визуелни слики, без да се загрозат точноста или резолуцијата“.
Основните функции се достапни бесплатно, но премиум функциите бараат претплата од 7,99 долари месечно или 69,99 долари годишно.
Корисниците кои веќе имаат платена претплата за Photoshop можат да ги користат мобилните и веб верзиите без дополнителни трошоци, а од компанијата најавија дека оваа апликација наскоро ќе биде достапна и за мобилни уреди кои користат оперативен систем Андроид.
Adobe забележува дека Photoshop на телефонот не може целосно да ја замени десктоп апликацијата, но тоа не е целта на новиот производ.
Новата алатка е наменета да ги поттикне почетниците и креаторите кои сакаат да создаваат без разлика каде се наоѓаат во моментот, додава компанијата на својата веб-страница.
Поврзани артикли