Италијанската влада негираше дека ги шпионирала новинарите и активистите кои им помагале на мигрантите преку специјален софтвер, по најновите оптужби.

Владата најави дека ќе соработува во истрагата, откако најмалку седум мобилни телефони во Италија беа хакирани со воена технологија за надзор.

Десетици корисници на WhatsApp, кој е во сопственост на Мета, беа известени на 31 јануари дека биле цел на хакерски напад извршен со помош на технологија од израелската сајбер компанија Paragon Solutions.

Во соопштението објавено од италијанската канцеларија на Мета, WhatsApp рече дека спречила „шпионска кампања на Парагон, чија цел биле неколку корисници, вклучително и новинари и членови на граѓанското општество“.

Откако британски Гардијан објави за случајот, италијанската влада на 5 февруари потврди дека најмалку седум мобилни телефони во Италија биле мета, велејќи дека побарала од Националната агенција за сајбер безбедност да спроведе истрага.

Цел на нападот биле и мобилни телефони со броеви од Белгија, Грција, Латвија, Литванија, Австрија, Кипар, Чешка, Данска, Германија, Холандија, Португалија, Шпанија и Шведска.

Министерот за парламентарни односи Лука Чириани пред пратениците во Долниот дом изјави дека италијанската влада долги години има договор со компанијата „Парагон солушнс“ за да обезбеди капацитет за собирање разузнавачки информации за борба против тероризмот и други закани за националната безбедност.

Чиријани, сепак, инсистираше на тоа дека законот е „строго почитуван“ и негираше дека владата ја користи предметната технологија за нелегално шпионирање на новинарите.