Американскиот претседател Доналд Трамп побара од Илон Маск и од „SpaceX“ да одат по двајцата астронаути, кои, како што рече Трамп, администрацијата на Бајден ги оставила во вселената.

„Илон набргу ќе замине. Се надевам ќе биде безбедно“, напиша Трамп.

Астронаутите на NASA, Бери Вилмор и Сунита Вилијамс, пристигнаа на Меѓународната вселенска станица (ISS) на 6 јуни минатата година. Мисијата требаше да трае една недела, но речиси осум месеци подоцна Вилмор и Вилијамс сѐ уште се во вселената поради проблеми со капсулата „Старлајнер“ на „Боинг“.

По лансирањето од вселенскиот центар Кејп Канаверал на Флорида, леталото успеа да се приклучи на станицата при вториот обид поради проблеми со моторот. Покрај тоа, леталото претрпе истекување хелиум. „Старлајнер“ се врати на Земјата без екипаж на почетокот на септември слетувајќи во пустината во Ново Мексико.

NASA првично најави дека двајцата астронаути треба да се вратат на Земјата во февруари оваа година, но неодамна дојде до одложување на спроведувањето на овој план.