Новата апликација за уредување видео е наменета да ја замени апликацијата во сопственост на кинеската компанија ByteDance.

Американската технолошка компанија Мета најави дека наскоро ќе воведе нова апликација за уредување видео наречена Edits, која по својата функција наликува на алатката CapCut од кинескиот ByteDance.

„Објавуваме нова апликација наречена Edits за оние од вас кои се страстни за правење видеа на вашиот телефон“, рече извршниот директор на Инстаграм, Адам Мосери во изјавата.

Според него, „многу се случува во моментов“, но што и да се случи, работата на Инстаграм е да ги обезбеди најдобрите можни алатки за креаторите.

Популарната апликација TikTok на ByteDance, која ја користеа 170 милиони Американци, неодамна беше недостапна во Соединетите Држави, а потоа се врати на интернет, додека нејзината судбина останува неизвесна, пишува Tech Crunch.

„Му благодариме на претседателот Трамп што ја даде потребната јасност и уверување на нашите даватели на услуги дека нема да бидат казнети доколку TikTok продолжи да работи“, се вели во соопштението на компанијата.

Според законот, кинеската компанија ByteDance требаше да ги продаде американските делувања на својата популарна социјална мрежа TikTok до 19 јануари или во спротивно ќе биде забранета во Америка.

Мета претходно успеа да ги пополни празнините на пазарот.

Кога TikTok беше забранет во Индија во јуни 2020 година, американската компанија лансираше сличен производ на тој пазар, популарните Reels на Instagram.

Покрај тоа, Мета ја лансираше социјалната платформа Threads во 2023 година, која е наменета како ривал на сличната мрежа X (Twitter).

Компанијата верува дека многу креатори на видеа ќе пробаат друга алатка кога ќе немаат достапен CapCut на ByteDance, додава технолошкиот портал.