Кинеските власти проценуваат потенцијална опција која вклучува преземање на работењето на TikTok во САД од Илон Маск, доколку компанијата не успее да ја одбрани апликацијата од контроверзната забрана, според извори запознаени со дискусиите.

Официјалните лица во Пекинг силно претпочитаат TikTok да остане во сопственост на матичната компанија ByteDance Ltd., велат изворите, а компанијата ја оспорува претстојната забрана со жалба до Врховниот суд на САД.

Но, судиите за време на сослушувањето на 10 јануари посочија дека најверојатно ќе го поддржат законот. Високи кинески функционери веќе почнаа да разговараат за резервните планови за TikTok како дел од пошироката дискусија за тоа како да се работи со администрацијата на Доналд Трамп, а една опција го вклучува Маск, рекоа изворите, кои побараа анонимност поради доверливоста на дискусиите, објави Блумберг.

Потенцијалниот договор со еден од најблиските сојузници на Трамп е многу привлечен за кинеската влада, што може да има влијание врз евентуалната продажба на TikTok, велат изворите. Маск инвестираше повеќе од 250 милиони долари во поддршка на кампањата за реизбор на Трамп и беше предложен за важна улога во подобрувањето на владината ефикасност откако републиканците ќе ја преземат власта.

Според едно сценарио што го дискутира кинеската влада, Х на Маск, ќе ја преземе контролата врз „TikTok US“ и ќе ги води двата бизниси заедно, велат изворите. TikTok, со повеќе од 170 милиони корисници во САД, може да ги зајакне напорите на X да привлече огласувачи. Маск исто така основаше компанија за вештачка интелигенција наречена xAI која може да има корист од големите количини на податоци што ги генерира TikTok.

Кинеските власти сè уште не постигнале консензус за тоа како да се справат со ова прашање, а дискусиите остануваат прелиминарни, велат изворите.

Не е јасно колку ByteDance знае за дискусиите на кинеската влада или дали TikTok и Маск биле вклучени во преговорите.

Маск и неговите претставници не одговорија на барањето за коментар. Во април, Маск објави дека верува дека TikTok треба да остане достапен во САД.

„Според мое мислење, TikTok не треба да биде забранет во САД, иако таквата забрана може да биде од корист за платформата X“, напиша Маск на X.

Претставниците на ByteDance и TikTok не одговорија на барањата за коментар. Управата за сајбер простор на Кина и кинеското Министерство за трговија, кои би можеле да бидат вклучени во одлуките за иднината на TikTok, исто така не одговорија на барањата за коментар.