Рускиот надзорен орган за комуникации денеска најави отворање на административни постапки против „Фејсбук“ и „Твитер“ бидејќи нивните политики не се усогласени со тамошниот закон за заштита на податоци.

Надзорниот орган, „Роскомнадзор“, во соопштение наведе дека „Фејсбук“ и „Твитер“ не објасниле како и кога ќе го спроведат законот кој бара сите сервери што се користат за складирање на личните податоци на руските граѓани да се чуваат во Русија, објави „Ројтерс“ повикувајќи се на агенцијата „Интерфакс“.

Компаниите имаат еден месец да ги достават бараните информации или против нив ќе бидат преземени акции од руска страна.

Русија во последните пет години воведе построги закони за интернет барајќи од интернет-пребарувачите да избришат некои резултати од пребарувањето, како и социјалните мрежи да ги чуваат личните податоци за руските корисници во сервери во земјата.

Во овој момент, единствените средства кои Русија ги има на располагање за да ги принуди мрежите да постапуваат во согласност со прописите се парични казни, кои обично достигнуваат само неколку илјади долари или блокирање на навредливи онлајн содржини, што е опција која наидува на низа технички проблеми, пренесува агенцијата „Ројтерс“.