Се ближиме до крајот на годината, па аналитичките компании прават пресеци со најновите резултати од истражување на пазарот.

Аналитичките компании Counterpoint Research и Canalys ги објавија своите редовни анализи на пазарот на мобилни телефони, кои се однесуваат на состојбата на глобалниот пазар на паметни телефони во текот на третиот квартал од 2024 година.

Двете компании се согласуваат за најпопуларниот телефон во периодот јули-септември, а на двете листи тоа е стандардниот модел на iPhone 15.

Во Топ 10 листата на најпродавани телефони на компанијата Counterpoint, покрај моделите на Apple и Samsung, се најде и еден модел Redmi – Redmi 13C 4G. Првите три места ги заземаат Apple iPhone 15, 15 Pro Max и 15 Pro, додека зад нив се Galaxy A15 4G, Galaxy A15 5G, Galaxy A35 5G и Galaxy A05, а потоа и iPhone 14.

Листата на модели на Apple и Samsung ја „пробива“ споменатиот Redmi 13C 4G на деветтото место, а во Топ 10 е и Samsung Galaxy S24.

На листата на Canalys, зад моделот iPhone 15 се наоѓа Galaxy A15 на Samsung, а потоа следат двата најнови iPhone-и: iPhone 16 Pro и Pro Max. На оваа листа нема модели на Samsung од премиум сегментот, сите се од средниот и долниот сегмент.