Јапонска компанија се надева дека развојот на генеративната вештачка интелигенција ќе овозможи досега недостапни интердисциплинарни истражувања и употреба на иновативни методи.
Panasonic – основана во 1918 година како Matsushita Electric Housewares Manufacturing Works – создаде дигитална верзија на својот основач, Коносуке Мацушита со помош на вештачка интелигенција.
Мацушита почина во 1989 година. Во Panasonic истакнуваат дека бројот на луѓе кои тој лично ги обучувал е во опаѓање, поради што посегнале и до вештачката интелигенција за да им ја пренесат на вработените неговата филозофија на управување.
Вештачката интелигенција беше обучена со помош на 3.000 снимки со Мацушита, како и документи, предавања и интервјуа што ги остави зад себе. Тој материјал беше дигитализиран во Институтот Peace and Happiness through Prosperity на Panasonic, кој го основаше Мацушита. Во развојот на дигитален лик кој ќе го имитира стилот на размислување и зборување на основачот, тие соработуваа и со Институтот Matsuo од Универзитетот во Токио.
„Се надеваме дека развојот на генеративната вештачка интелигенција ќе овозможи досега недостапни интердисциплинарни истражувања и употреба на иновативни методи“, велат од Panasonic.
Мацушита го постигна статусот на легенда во Јапонија. Тој често се нарекува „бог на менаџментот“. Тој е почитуван поради неговата лидерска филозофија и улога во трансформирањето на компанијата што тој ја основа – која започна со продажба на светилки – во глобално моќна компанија.
Поврзани артикли