Мета ја обвини австралиската влада дека брза со воведувањето забрана за лицата под 16 години од социјалните мрежи без соодветно да ги земе предвид гласовите на младите луѓе.

Досега, повеќето компании за социјални медиуми рекоа дека ќе ја почитуваат забраната, но тие изразија сомневање за тоа како таа ќе се спроведе и загриженост за нејзиното потенцијално влијание.

„Загрижени сме поради процесот што го забрза законодавството, кое не ги разгледа соодветно доказите, она што индустријата веќе го прави за да обезбеди искуства што се соодветни за возраста и гласот на младите луѓе“, рече портпаролот на Мета.

Сопственикот на платформата X, Илон Маск, ја критикуваше забраната и рече дека тоа е „задкулисниот начин на контролирање на пристапот до Интернет за сите Австралијци“.

Австралискиот министер за вработување Мареј Ват изјави дека социјалните мрежи треба сериозно да ја сфатат забраната и да сфатат дека имаат „интерес за зачувување на нивниот углед и нивната социјална лиценца“.

Австралискиот Сенат во четвртокот одобри закон со кој на лицата помлади од 16 години им се забранува да користат социјални мрежи.

Австралиските политичари кои го поддржаа првиот ваков закон во светот тврдат дека е неопходно да се осигура дека друга генерација тинејџери нема да доживее „толку штетна содржина“ во годините што доаѓаат.

Политичарите кои не го поддржаа едногласно го нарекоа „решение од 1970 година за проблемот од 2024 година“, додека групите за човекови права и застапниците за ментално здравје предупредија дека тоа може да ги маргинализира младите Австралијци.

Од Комисијата за човекови права, пак, предупредуваат дека законот може да ги наруши правата на младите и да ја намали нивната способност за учество во општеството. Инаку, ваква иницијатива беше покрената во Европската унија, па останува да се види дали нешто слично може да се случи на тлото на Стариот континент.