Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека рускиот претседател Владимир Путин ќе се позанимава со проблемот со успорување на платформата YouTube во таа земја.
Сепак, истакна Песков, забавувањето на оваа платформа не е непосреден приоритет за Путин.
Песков рече дека дел од прашањето зависи од позицијата на сопственикот на компанијата Јутјуб, која, како што рече, не ги почитува законите на Руската Федерација, пренесе Интерфакс. Тој посочи дека YouTube е должен да ја ажурира својата опрема и да се усогласи со руското законодавство, што компанијата не го прави.
„Позицијата на сопствениците на оваа услуга е насочена кон непочитување на законите на Руската Федерација. Тие не сакаат да се усогласат со нашите закони, иако тоа е нивна обврска“, рече Песков.
Портпаролот на Кремљ, исто така, посочи дека претседателот ќе разгледа и други аспекти на овој проблем, но дека и тоа „не е приоритет“.
Инаку, руската Државна Дума претходно објави дека YouTube ќе биде успорен во фиксните мрежи, пишува весникот Комерсант, а тоа се случи во август кога многу Руси пријавија дека имаат потешкотии при вчитување на страницата и изјавија дека се појавуваат проблеми при поврзувањето на Wi-Fi.
Шефот на Комитетот за комуникации и ИТ на Државната Дума, Александар Хинштејн, тогаш најави дека мерката ќе влијае само на десктоп верзиите и дека засега нема да влијае на мобилната комуникација.