Организаторите на саемот Е3 потврдија дека тој е откажан за 2023 година, поради незаинтересираност од самите излагачи.

Е3 нема да се одржи во 2023 година. Ниту во физичко ниту во дигитално издание. Организаторите наведуваат дека не успеале да привлечат доволно изложувачи за да го направат саемот голем настан каков што го планирале.

Официјалното објаснување на организаторите е дека многу издавачи биле принудени да ги намалат инвестициите во услови на неизвесна финансиска клима која моментално владее. Меѓутоа, другата страна на приказната е што некои од издавачите се свртеа кон други манифестации, некои кон сопствени програми, некои на Summer Game Fest, кој беше создаден како алтернатива на саемот Е3.

Ова ќе биде втора година како Е3 воопшто не се одржува, а вкупно четврта година како саемот не се одржува во физичка форма. Последниот физички Е3 се одржа во 2019 година, а последниот дигитален Е3 беше во 2021 година.

Со оглед на тоа што сме во најдолг период без саем Е3, се поставува прашањето дали тој некогаш ќе се врати. Организаторите не даваат јасен одговор, но се чини дека Е3 би можел да изгледа значително поинаку доколку тоа воопшто се случи во иднина.

„Ние сакаме да и обезбедиме на индустријата за игри платформа за маркетинг и водење бизнис, но сакаме да бидеме сигурни дека имаме правилен баланс на она што индустријата сака и му треба. Ние секако ќе слушаме и ако имаме нешто да понудиме, ние ќе го споделиме со индустријата“, се вели во официјалното соопштение.