„Норд пас“ ја објави својата годишна листа на најпопуларни лозинки во светот, па и годинава лозинката 123456 се наоѓа на врвот на неславната листа на најнекреативни лозинки како најкористена лозинка.
Истата лозинка се најде на врвот на оваа листа пет од шест пати откако „Норд пас“ ја објави, со исклучок на листата од 2022 година кога еднакво познатата лозинка – password ја зазеде првата позиција. Но, овие годишни списоци секогаш вклучуваат лозинки како QWERTY, ABC и 123 за кои луѓето сè уште веруваат дека може да ги заштитат нивните најлични информации.
Многу корисници избираат лозинки како iloveyou (тесакам) или fuckyou (е*исе). За некои, лозинките се одраз на нивните интереси, а многумина се одлучуваат за имиња како лозинки. Некои се залажуваат дека P@ssw0rd е оригинална идеја не знаејќи дека е потребно помалку од секунда за да се пробие.
Секако, постојат варијации кога станува збор за најчесто користените лозинки во разни земји. На пример, првите места во Финска и Унгарија ги заземаат лозинките salasana и jelszo, но кога ќе се преведат, јасно е дека тие се исти лозинки – и двете значат „лозинка“.
За да ја креира својата листа, „Норд пас“ користи база на податоци од 2,5 TB од јавно достапни извори, од кои некои се пронајдени на темната мрежа. На многу од овие лозинки им се потребни милисекунди за да ги пробијат хакерите, па ако вашата лозинка е на оваа листа, треба да ја замените со нешто малку покреативно.
На листата на 10 најкористени лозинки на глобално ниво се 123456, 123456789, 12345678, password (лозинка), qwerty123, qwerty1, 111111, 12345, secret (тајна) и 123123.
Ако се споредат списоците на топ-10 лозинки за лични и деловни сметки, забележливо е дека тие се речиси идентични, што покажува дека луѓето имаат тенденција да се потпираат на истите слаби лозинки и дома и на работа.
Лозинката треба да биде долга најмалку 20 знаци и да содржи големи и мали букви, бројки и симболи, порача „Норд пас“. Избегнувајте лозинки што лесно се погодуваат, како родендени, имиња или вообичаени зборови. Не треба да користите иста лозинка за повеќе локации или услуги.