Telegram воведе промени, најверојатно како резултат на апсењето на основачот на таа апликација, Павел Дуров.
Од FAQ страната на Telegram е отстранета реченицата која вели дека приватните разговори се заштитени од барања за модерација.
Промената доаѓа речиси две недели откако извршниот директор на Telegram, Павел Дуров, беше уапсен во Франција, за кој властите рекоа дека „дозволил непречен развој на криминални активности на апликацијата“.
„Ненадејното зголемување на бројот на корисници на Telegram на 950 милиони предизвика проблеми што им олесни на криминалците да ја злоупотребат нашата платформа. Си поставив лична цел да се осигурам дека значително ќе ги подобриме работите во овој поглед. Ние веќе го започнавме тој процес внатрешно, и наскоро ќе споделам повеќе детали за напредокот со вас“, рече Дуров.
Се чини дека некои од овие промени веќе стапуваат на сила – тоа може да се види во примерот на прашањето во FAQ делот: „Постои нелегална содржина на Telegram. Како да ја отстранам?”
До 5 септември, одговорот на Telegram на ова прашање беше: „Сите разговори на Telegram се приватни, ние не обработуваме никакви барања поврзани со нив“.
Сепак, сега гласи: „Сите апликации на Telegram имаат опција „Пријави“ која ви овозможува да означите нелегална содржина и да ја испратите до модераторите со неколку кликања“. Дополнително, има инструкции како да пријавите пораки со нелегална содржина.
Поврзани артикли
