Платформата TikTok ги оспори пред американскиот федерален суд тврдењата на американското Министерство за правда дека има врски меѓу социјалната мрежа и кинеската влада.
TikTok побара од судот да го поништи законот со кој се бара од нејзиниот сопственик, кинеската компанија ByteDance, да ги продаде средствата на платформата во САД или ќе се соочи со забрана.
TikTok, кој поднесе жалба за поништување на законот, рече дека американското Министерство за правда погрешно тврдело дека апликацијата претставува закана за националната безбедност на САД бидејќи може да и дозволи на кинеската влада да собира податоци за Американците и тајно да манипулира со содржината на социјалните мрежи, пренесува Ројтерс.
Според законот, потпишан од американскиот претседател Џозеф Бајден на 24 април, Byte-Dance има рок до 19 јануари да го продаде TikTok или ќе се соочи со забрана.
Белата куќа соопшти дека сака TikTok повеќе да не биде во сопственост на компанија со седиште во Кина од причини за национална безбедност на САД, без да сака да ја забрани платформата. Апелациониот суд ќе одржи расправа за случајот ТикТок на 16 септември.
Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп во јуни изјави дека никогаш нема да поддржи забрана за TikTok.
Американскиот потпретседател и демократски претседателски кандидат Камала Харис се приклучи на TikTok во јули како дел од кампањата.