Овој мобилен полнач може до крајот да го наполни вашиот електричен мобилен Порше Тајкан или Тесла за само 8 минути додека вие го испиете кафето дома или на работа, или за време на застој на патот.

Руската компанија L-Charge кон средината на јули го презентираше најмоќниот полнач за електромобили на светот. До крајот на 2021 година минивен од оваа компанија со моќна мобилна батерија ќе почне да излегува на улиците на Лондон, Париз и Њујорк. Со негова помош сопствениците на електромобили ќе можат за 8 минути да го наполнат својот автомобил „до крај“, без да излегуваат од дома.

Кон средината на 2021 година во светот ќе има околу 7.600.000 електрични автомобили. Според оценката на производителот на автомобили, овој број веќе кон крајот на деценијата ќе се искачат на 400 милиони. Со други зборови, во 2030 година 30% од автомобилите во светот ќе бидат со електричен погон.

„Оваа тенденција го поттикнува развојот на инфраструктурата. Сега во целиот свет постои само стационарно полнење на електричните автомобили, а не постои ниту една компанија освен нашата L-Charge која би направила мобилен полнач и која би дошла на домашна адреса да го наполни вашето возило“, изјави за Russia Beyond генералниот директор на компанијата Дмитриј Лашин за време на презентацијата на моделот кон средината на јули.

Според него, сега полнењето на Тесла трае од 8 часа до 24 часа.

„Во 21 век не смее да се троши еден час и повеќе за полнење на автомобилот. Наша цел е да направиме уред кој за 400 секунди може да го наполни автомобилот и така да мине 400 километри. Сега ни се потребни 8 минути за комплетно полнење на акумулаторот од моделот Тесла“, истакна генералниот директор.

Според негова процена, еден киловат час ќе ги чини клиентите 40 до 60 центи. Полнењето ќе може да се нарача и преку апликација на телефон.

„Апликацијата на L-Charge ќе функционира како Убер. Ќе го повикате возилото и по одредено време нашиот минивен веќе стои под вашиот прозорец и го полни вашиот електричен автомобил“, додаде Лашин.

Компанијата истакнува дека овој проект е иновативен и дека ниту еден електрогигант (Electrify America, Tesla Super Charge итн.) нема направено и нема план да направи уред сличен на овој наскоро.

„Во компанијата Бритиш петролеум ни кажаа дека ним им е поедноставно да го купат нашиот производ и да отворат парк со наши возила во Лондон и во неговите предградија, одошто од почеток да развиваат свој модел. По Британците со нас воспоставија контакт и Французите и ни предложија кај нив да отвориме парк со минивен-возила L-Charge“, рече Лашин.

Самостоен бизнисмен исто така може да набави минивен-возила L-Charge и да отвори своја „пумпа на тркала“.

Едно возило чини 12 милиони рубли (околу 150.000 американски долари). За апаратот да се исплати бизнисменот треба да полни 40 возила на ден. Лашин проценува дека еден минивен целосно може да се исплати себеси за две години.

Извор: Russia Beyond