Отфрлена тужбата против сопственикот на платформата X.
Американскиот суд ја отфрли тужбата во која се тврди дека Илон Маск одбил да плати најмалку 500 милиони долари како отпремнина на илјадници вработени на Твитер кои масовно ги отпуштил откако ја купил компанијата за социјални медиуми сега позната како „Х“.
Окружниот судија во Сан Франциско, Трина Томпсон пресуди дека нема јурисдикција според федералниот Закон за обезбедување приход при пензионирање на вработените, кој ги регулира плановите за бенефиции, бидејќи не ги покрива барањата на поранешните вработени, објави Ројтерс.
Агенцијата забележува дека ова е еден од многуте случаи во кои Маск е обвинет дека ги прекршил ветувањата на поранешните вработени на Твитер откако ја купил компанијата за 44 милијарди долари во октомври 2022 година.
Адвокатското друштво Санфорд, кое ги застапува поранешните вработени, рече дека е разочарано и дека ги разгледува правните опции.
Според тужбата, планот за отпремнина на Твитер значел дека вработените кои останале по купувањето на социјалната платформа ќе добиваат плата од два до шест месеци, плус една недела плата за секоја година од работен однос, доколку бидат отпуштени.
Обвинителите Кортни Мекмилијан и Роналд Купер рекоа дека Твитер наместо на отпуштените вработени им понудил само еден месец плата како отпремнина, без бенефиции.
Маск ја води и компанијата за електрични автомобили Тесла и е најбогатиот човек во светот според магазинот Форбс.
Поврзани артикли