Се повеќе протекуваат информации за новиот дел од една од најпопуларните игри, EA FC (до неодамна позната како серија на ФИФА).

Неколку инсајдери најавија дека ќе има ново лице на насловната страна на EA FC 25.

Да потсетиме, напаѓачот на Манчестер Сити, Ерлинг Халанд се најде на насловната на EA FC 24. Норвежанецот секако го заслужи ова минатата сезона благодарение на многуте рекорди кои ги собори, но не се истакна оваа сезона.

Поради ова, како што пишуваат упатените, Халанд ќе биде „симнат од тронот“, а на насловната страница на ЕА ФЦ 25 ќе се најде нова ѕвезда – фудбалерот на Реал Мадрид и англиската репрезентација, Џуд Белингем.

Овој млад играч од средниот ред ги освои срцата на фудбалските фанови ширум светот со своите игри во дресот на кралскиот клуб.

Токму поради ова, не треба да нè чуди ако Белингем навистина стане заштитно лице на EA FC 25, новиот дел од глобално популарната серија на чие име сè уште се навикнуваме – само ќе кажеме FIFA.