Претставниците на Претставничкиот дом во САД усвоија закон со кој може да се забрани социјалната мрежа „Тик-ток“, доколку Кинезите не ја продадат.
Се уште не е јасно каква ќе биде судбината на законот во Сенатот, а потребно е Сенатот да го потврди за да стапи во сила, пишува „NBC News“.
„Комунистичка Кина е најголемиот геополитички непријател на Америка и ја користи технологијата за активно да ја поткопа американската економија и безбедност. Денешното двопартиско гласање го покажува противењето на Конгресот на обидите на комунистичка Кина да ги шпионира и манипулира Американците и ја сигнализира нашата решителност да ги одвратиме нашите непријатели“, рече Мајк Џонсон во изјава по гласањето, предупредувајќи дека „Тик-ток“ може да се користи за пристап до американските податоци и ширење „штетни“ информации.
„Тик-ток“ потсетува дека апликацијата ја користат 170 милиони Американци и илјадници мали бизниси.
„Овој процес беше таен поради една причина: ова е забрана“, соопшти компанијата на X.
Резултатот од гласањето беше 352 за забраната и 65 против. Против гласаа 15 републиканци и 50 демократи. Еден демократ беше воздржан, според медиумот.
Донесувањето на законот преку Претставничкиот дом, кој е под контрола на Републиканската партија, дојде и покрај тоа што поранешниот претседател Доналд Трамп сигнализираше дека се противи на забраната.
Тој рече дека „Тик-ток“ е закана за американската национална безбедност, но дека забраната на оваа популарна апликација ќе влијае на децата и ќе го зајакне Facebook, што републиканскиот кандидат за претседател остро го критикуваше.
Претседателот Џо Бајден, чија кампања во 2024 година се приклучи на „Тик-ток“ минатиот месец, рече дека ќе го потпише законот ако документот стигне до неговото биро.