Апликацијата за пораки Телеграм има 900 милиони месечни активни корисници и се приближува до профитабилност, изјави основачот и сопственик на платформата, Павел Дуров.

Во интервју за Фајненшл Тајмс (ФТ), Дуров рече дека Телеграм, кој имаше 500 милиони корисници на почетокот на 2021 година, заработи „стотици милиони долари“ откако пред две години воведе реклами и премиум претплати.

„Се надеваме дека ќе станеме профитабилни следната година, можеби веќе оваа година“, рече основачот на Telegram во своето прво интервју од 2017 година.

Според Дуров, потенцијалните инвеститори веќе го процениле Телеграм на 30 милијарди долари, но тој истакна дека сè уште не сака да ја продаде платформата.

Компанијата со седиште во Дубаи, која има само околу 50 вработени со полно работно време, експлодираше во популарност во последниве години бидејќи платформата Телеграм стана клучно средство за комуникација за владите и официјалните лица ширум светот, како и спас за граѓаните во конфликтни зони, според ФТ.

„Мислам дека не треба да го контролираме начинот на кој луѓето се изразуваат, освен ако не ги преминат црвените линии. Сметам дека секоја идеја треба да се оспори… Во спротивно, можеме брзо да западнеме во авторитаризам“, заклучува Дуров.