Шефот на Apple, Тим Кук, им порача на инвеститорите дека „се работи на генеративната вештачка интелигенција“ и дека корисниците би можеле да ја очекуваат подоцна во текот на годината.
Кук неколкупати ја спомна генеративната вештачка интелигенција, но никогаш не беше конкретен за датумот. Очигледно нешто големо не очекува оваа есен, веројатно кога ќе излезе iOS 18.
„Додека гледаме напред, ќе продолжиме да инвестираме во овие и други технологии кои ќе ја обликуваат иднината. Ова ја вклучува вештачката интелигенција, каде што продолжуваме да инвестираме огромно време и напор, и возбудени сме што споделуваме детали за нашата работа во таа сфера подоцна оваа година“, рече Кук.
Аналитичарите се обидоа да го притиснат Кук за повеќе детали, но тоа не се случи.
„Има работи за кои сме неверојатно возбудени и ќе разговараме за нив подоцна оваа година“, беше сè што рече тој.
Софтверските карактеристики на вештачката интелигенција, кои се движат од напредна манипулација со фотографии до подобрена обработка на текст, беа главна продажна точка за телефоните на Google и Samsung во последниве месеци.
Ова веројатно е знак дека Apple исто така има сериозни планови да интегрира вештачка интелигенција во своите софтверски платформи iOS, iPadOS и macOS.