Американскиот федерален суд потврди дека десетици милиони клиенти на производи на Apple можат да започнат колективна тужба за монополизирање на пазарот.

Тие можат да го тужат „јаболкото“ за забрана за купување на апликации за iPhone надвор од официјалната продавница за апликации, App Store. Според Ројтерс, забраната за купување води до повисоки цени на апликациите.

Окружниот судија на САД Ивон Гонзалес Роџерс одби да ја потврди колективната постапка во март 2022 година, но ја промени својата одлука откако случајот беше стеснет да ги вклучи само сопствениците на сметки на Apple кои потрошиле 10 долари или повеќе на содржина во апликацијата или на самата апликација.

Марк Рифкин, адвокат на групата потрошувачи кои се залагаа за колективната тужба, рече дека е „исклучително задоволен“ од одлуката на судот и додаде дека со нетрпение ја очекува следната фаза од случајот стар 12 години.

Ројтерс известува дека групните тужби може да доведат до повисоки исплати на оштетените со пониски трошоци од индивидуалните тужби.