Компанијата Apple ја суспендираше продажбата на паметните часовници Series 9 и Ultra 2 поради спор за патент со компанијата за медицинска технологија Masimo.

Спорот се однесува на сензорот за кислород во крвта пронајден во двата часовници на Apple. Американскиот претседател Џо Бајден не стави вето на одлуката на американската меѓународна трговска комисија (ITC), која претходно оваа година објави дека Apple направил прекршување, пренесува CNN.

Канцеларијата на американската трговска претставничка Кетрин Таи потврди дека Белата куќа нема да се спротивстави на одлуката на ITC. Таи реши „по внимателно разгледување“ да не става вето, па на 26 декември одлуката на Меѓународната трговска комисија стана конечна.

Вчера Apple ги отстрани од продавниците спорните модели на паметни часовници, а од минатата недела клиентите не можат да ги нарачаат ниту преку Интернет. Според сопствените зборови, технолошкиот гигант од Купертино „апсолутно не се согласува“ со одлуката на Меѓународната трговска комисија и најави дека ќе поднесе жалба.