WhatsApp додаде опција за испраќање фотографии и видео фајлови кои се непроменети и во нивната оригинална форма, како дел од најновото ажурирање на iOS.

Со споменатата функција, корисниците сега можат да испраќаат медија фајлови без дополнителна компресија што апликацијата ја користеше за зачувување податоци.

Ова е различно од опцијата за HD квалитет, која беше додадена претходно оваа година и само малку ги компресираше датотеките за да се зачува повеќе од оригиналниот квалитет.

За да испрати фотографии и видео фајлови во нивниот оригинален квалитет, потребно е корисникот да ја избере опцијата за испраќање документи, по што му се нуди дополнителна опција за испраќање фотографија или видео заедно со датотеките. Избраната фотографија или видео потоа ќе бидат испратени во неговиот оригинален квалитет.

WhatsApp има ограничување од 2 GB за испраќање датотеки во нивната некомпресирана форма.

Оваа функција веќе подолго време се тестира, а од неодамна е достапна за сите корисници. Ривалските услуги, како што е Telegram, веќе имаат можност за испраќање некомпресирани датотеки.

WhatsApp засега ја носи функцијата само на iOS, а нема информации кога ќе стане достапна за Android.