Компанијата OpenAI објави на X дека е постигнат начелен договор Сем Алтман да се врати на OpenAI како извршен директор со нов почетен одбор составен од Брет Тејлор (претседател), Лери Самерс и Адам Д’Анџело.

Веќе имаше информации дека се преговара за враќањето на Сем Алтман во компанијата. Би-би-си утринава објави дека Алтман и најмалку еден член на одборот разговарале. За потсетување, речиси сите вработени во OpenAI се заканија дека ќе си заминат доколку Алтман и ко-основачот Грег Брокман не бидат вратени на работа.

Мајкрософт, најголемиот инвеститор во OpenAI, му понуди и работа на Алтман. Мајкрософт понуди еднаква плата за сите вработени кои му се придружуваат од OpenAI.

„Се зависи од тоа дали луѓето од OpenAI ќе останат таму или ќе дојдат во Мајкрософт, така што јас сум отворен за двете опции“, изјави извршниот директор на Мајкрософт, Сатја Надела за CNBC.

Според одредени извори, дел од преговорите бил и Емет Шир, поранешниот шеф на Twitch, кој е именуван за нов привремен шеф на OpenAI. За потсетување, минатата недела одборот одлучи да го отпушти Алтман, што доведе до оставка на Брокман.

Одлуката ја донесоа тројца членови на одборот кои не се вработени, Адам Д’Анџело, Таша Меколи и Хелен Тонер и третиот ко-основач и главен научник на компанијата, Илја Сутскевер. Сутскевер оттогаш се извини на X, порано познат како Твитер, и потпиша писмо во кое го повикува одборот да ја повлече својата одлука.

Невообичаено за компанија која наводно се проценува на 80 милијарди долари, бордот на директори на компанијата се состоеше од само шест лица од минатата недела. Еван Морикава, менаџер во OpenAI, рече дека 743 од 770 вработени во OpenAI потпишале писмо во кое го повикуваат раководството да поднесе оставка – при што самите вработени се закануваат дека ќе си заминат доколку нивните барања не се исполнат.