Европската вселенска агенција (ESA) пронајде остатоци од изгубени континенти кои милиони години биле скриени под Антарктикот.

Сателитските снимки покажуваат како се движеле древните копнени маси кои се закопани повеќе од километар и половина.

Научниците велат дека снимките дале нов поглед и сознанија за Антарктикот, континент кој најмалку е истражен досега. Тие ги користеле податоците од сателитот GOCE кој е лансиран во 2009. за следење на варијациите на гравитациското поле на Земјата и прецизно да ја измери Земјата.

Инаку, овој сателит не е во употреба веќе пет години, откако остана без гориво и падна низ атмосферата. Меѓутоа, неговите податоци се многу значајни и се користени за нови научни откритија.

Неговите инструменти го следеле движењето на тектонските плочи под Антарктикот, и истражувачите врз основа на податоците го сфатиле нивното движење во изминатите 200 милиони години и дошле до сознание како всушност бил формиран ледениот континент.

“Гравитациските снимки донесуваат вистинска револуција во нашата можност да го проучуваме најмалку познатиот континент на нашата планета”, истакна Фаусто Феракиоли од Европската вселенска агенција.

“На источниот дел од континентот можеме да видиме геолошки карактеристики кои ги покажуваат сличностите и разликите на корите под Антарктикот и другите континенти со кои била споена до пред 160 милиони години”, додава Фаусто.

Инаку, за да ја создадат 3D мапата на Земјината литосфера, научниците ги употребиле мерењата на GOCE со сеизмолошки податоци.

Освен што овие мерења се многу интересни историски, тие се воедно важни да разбереме како Антарктикот влијае на однесувањето на ледените плочи, но и колку брзо ќе реагира на топење на мразот.