Преклопните телефони на Самсунг станаа незаменлив дел од технолошката историја, а сега јужнокорејскиот гигант реши да му оддаде почит на еден од најпопуларните вакви модели – Самсунг Е700, кој се појави пред 20 години.

Како почит на моделот E700, Samsung претстави ограничено издание на телефонот Galaxy Z Flip5 Retro, кој користи иста палета на бои, дизајнот наликува на графика со пиксели од почетокот на овој век, а дисплејот покажува градски пејзаж, кој евоцира носталгија.

„Во 2003 година, E700 беше револуционерен мобилен телефон, како првиот Samsung кој имаше вградена антена. Оваа иновација, заедно со широката популарност на телефонот, одигра клучна улога во унапредувањето на позицијата на Samsung во индустријата за мобилни телефони“, пишува на страната на Samsung.

Samsung го испорачува овој телефон во кутија со логоа на моделите Z Flip5 и E700, како и Flipsuit картички со налепници од претходните логоа на Samsung. Пакетот вклучува и колекционерска картичка Samsung E700, на која е изгравиран единствен сериски број.

Овој телефон е достапен за купување во Јужна Кореја, а доаѓа и во Велика Британија, Франција, Германија, Шпанија и Австралија во ограничени количини.