Аналитичката компанија Counterpoint research објави пазарна анализа за третиот квартал, кога станува збор за продажбата на телефони.

Според извештајот за периодот јули-септември, глобалната испорака на телефони забележа пад од 8% во споменатиот квартал во однос на истиот период лани.

Најновата анализа на Counterpoint сугерира дека послабата побарувачка на потрошувачите за нови телефони е главната причина за падот на продажбата. Од друга страна, пазарот навистина забележа помал раст од 2% во однос на вториот квартал од оваа година, што веројатно беше под влијание на најавата за серијата iPhone 15.

Кога станува збор за поединечни производители, Samsung ја задржа водечката позиција во однос на продажбата во текот на третиот квартал и држи 20% од вкупната продажба. Зад јужнокорејскиот гигант е Apple кој по продажба држи 16% од пазарот, а трет е Xiaomi со 12 проценти. Топ 5 листата на производители со најдобра продажба ја заокружуваат Oppo и vivo.

Интересно е што сите пет големи производители забележаа пад на продажбата на телефони во текот на третиот квартал. Од Топ 10 производители, само Honor, Huawei и Transsion Group (Tecno, Infinix, itel) остварија позитивен раст на годишна основа.

Аналитичарите на Counterpoint очекуваат ситуацијата од септември да се пренесе во четвртиот квартал, со зголемена побарувачка за телефони за време на празничниот период.