Компанијата Analogue, која се занимава со „оживување“ на ретро конзоли, засега има импресивно портфолио, а на него планираат да додадат уште еден член.

Имено, тие се подготвуваат да го „ремоделираат“ Nintendo 64, кој во нивната верзија ќе се вика Analogue 3D, ќе има FPGA технологија, а ќе овозможува играње на Nintendo 64 игри во 4K резолуција.

Како што рекоа, нивната конзола ќе биде 100% компатибилна со сите игри на Nintendo 64 во сите региони, што значи дека на корисниците нема да им требаат разни емулатори и слично.

Покрај ова, Analogue рече дека ќе има опции за да се направи играта да изгледа како на CRT телевизорите и видео мониторите кога N64 беше најпопуларен.

Ќе се поддржува Bluetooth и Wi-Fi од 2,4 GHz, а ќе има и четири оригинални порти за контролери, а се најавува и безжичен.

Датумот на издавање сè уште не е откриен, како и цената, а оваа конзола би требало да излезе некаде следната година.