Германија и Белгија ќе го испитаат можното зголемено зрачење од iPhone 12 на Apple врз основа на француските истраги за ова прашање, објавија регулаторните тела на двете земји.

Германското регулаторно тело изјави за Ројтерс дека е во контакт со релевантните власти во Франција во врска со ова прашање, наведувајќи дека француската процедура има водечка функција за Европа како целина.

Белгискиот државен секретар за дигитализација, Матје Мишел, изјави за Ројтерс дека ќе побара од регулаторот за телекомуникации да ги анализира потенцијалните здравствени ризици поврзани со можното зголемено зрачење од моделите на Apple iPhone 12, откако Франција нареди запирање на продажбата на телефоните поради нивото на зрачење повеќе од дозволеното.

Француската Национална агенција за фреквенции (ANFR) му соопшти на Apple дека треба да престане да го продава iPhone 12 во Франција, откако агенцијата спроведе тестови за кои рече дека покажале дека специфичната стапка на апсорпција (SAR) на моделот на паметен телефон е поголема од дозволената со закон.

„Непостапувањето ќе резултира со повлекување на опремата што веќе е ставена на располагање на потрошувачите“, изјави ANFR.

Apple соопшти дека нивниот модел iPhone 12 добил повеќекратни сертификати од меѓународни тела за усогласеност со глобалните регулативи и стандарди за нивоа на зрачење, откако ANFR соопшти дека компанијата треба да престане да го продава моделот на телефонот поради зголеменото ниво на зрачење.

Apple соопшти дека му доставил на ANFR повеќе свои и независни лабораториски резултати од трети страни кои докажуваат усогласеност со зрачењето на iPhone 12, објави Ројтерс.

Компанијата соопшти дека ги оспорува резултатите од ревизијата на AFNR и ќе продолжи да работи за да покаже дека нема зголемено зрачење.