Благодарение на алуминиумското куќиште, Magic Keyboard за новиот iPad Pro веќе нема да биде флексибилна или лесно да се истроши.

Со новиот iPad Pro, Apple ќе претстави подобрена Magic Keyboard која ќе биде поцврста и ќе нуди „премиум“ чувство. Барем така тврди известувачот на Блумберг и аналитичар на Apple, Марк Гурман во својот нов билтен за Power On.

„За прв пат на Magic Keyboard, горната обвивка, односно областа околу самата тастатура, ќе биде алуминиумска во склад со поновите Mac. Така тастатурата ќе добие врвно чувство со Mac естетика“, вели Гурман.

Тој истакна дека алуминиумската тастатура ќе биде многу поцврста и дека нема да може така лесно да се витка или да се истроши по долготрајна и редовна употреба. Дополнително, новата Magic Keyboard ќе има и поголема touchpad, која дополнително треба да ја зголеми функционалноста на iPad Pro и да ја намали разликата во однос на MacBook.

Потсетуваме дека новиот iPad Pro треба да се појави во пролет или лето 2024 година во варијанти со 11-инчни и 13-инчни екрани. Според Гурман, двете верзии ќе имаат OLED екрани.