Како ви звучи 44% подобра автономија на батеријата на телефоните – новата технологија би можела да го овозможи токму тоа.
Инженерите од Универзитетот Рајс пронајдоа начин да ги подобрат литиум-јонските батерии и да ги направат уште поефикасни. Овој подвиг е постигнат преку посебен процес кој ја ублажува загубата на литиум, но и ја подобрува автономијата на батеријата. Процесот се потпира на обложување на силиконски аноди со постабилни литиумски честички.
Откритието е направено кога еден од инженерите на Универзитетот Рајс испрскал слој од мешавина од честички на анодата и преку дополнителни тестови сфатил дека овој процес ја подобрува автономијата на батеријата од 22 на дури 44%. Дополнително, повеќе слоеви од оваа смеса резултираа со поголема ефикасност на батеријата, пренесува smartlife.
Ова откритие е многу значајно и може целосно да го промени начинот на кој ги користиме уредите на батерии. Тоа значи дека би можеле подолго да користиме телефони, паметни часовници и многу други уреди кои се потпираат на литиум-јонски батерии, односно да ја одложиме потребата за полнење.
За жал, премачкувањето на анодата со специјална смеса со себе носи некои негативни ефекти врз самата батерија. Инженерите забележале дека овој процес го намалува бројот на циклуси, односно бројот на полнења што може да ги издржи батеријата пред нејзиниот капацитет да падне под задоволително ниво.
Сепак, дури и ако инженерите не најдат начин да го надминат овој проблем, на хоризонтот има голем број други решенија кои ветуваат слични резултати. Еден од нив е замена на графитот во батеријата со силикон, што би овозможило поголема густина на енергија. Бидејќи силиконот има способност да „спакува“ повеќе литиум јони, веќе има одредени напори во индустријата ова да стане стандардна практика во производството на литиум-јонски батерии.