Ваков дуел досега не сме виделе, а научниците имаат намера да го унапредат и дополнително да го подобрат роботот што го контролираа.
Иако во последните години се зачестени апокалиптичните предупредувања за роботите и вештачката интелигенција кои би можеле да излезат од контрола и да се свртат против нивните креатори, се надеваме дека никогаш нема да доживееме такво сценарио. А како би изгледало кога луѓето и роботите наместо во реалниот свет и на некои боишта би се тепале на боксерски меч, ни покажа кинеската компанија Quibo Robot Co.
Тие самите не се бореле со роботите, туку направиле робот кој имитира човечки движења (со неверојатна брзина, со латентност од само 12 ms) и се бореле со друг робот контролиран со вештачка интелигенција. Како изгледаше тој меч погледнете во приложеното видео, а иако љубителите на боксот нема премногу да уживаат во оваа тепачка, технологијата што се користи е доста интересна.
Џининг Генг од оваа компанија вели дека нивната инспирација за развој на роботот кој го нарекле QIBBOT бил филмот „Real Steel“ па решиле да видат дали можат да направат таков робот што ќе можат да го контролираат во реално време. Тој нагласи дека иако има слични роботи со далечинско управување, тие се генерално помали по големина и прилично бавни. Големата брзина е најважниот приоритет на борбените роботи, објасни Генг.
Кога се развиваат вакви роботи и технологија за брза контрола, потребно е да се размислува за многу работи како комуникација, интерфејс, пренос на податоци, контрола и слично, а за да успеат во тоа се фокусирале на проблеми поврзани со механиката и контролата на роботот. Иако завршија одлична работа во однос на брзината и реакцијата, Генг вели дека сепак потфрлиле во една област, а тоа е точноста. Во вакви забавно-борбени сценарија тоа не е толку важно, но доколку оваа технологија се примени за некои други и поважни цели, тогаш би можела да биде од многу поголема важност.
Покрај роботот со далечински управувач, тимот на Quibo Robot мораше да го создаде својот противник. Освен на механиката, главниот фокус е на вештачката интелигенција. Тие комбинираа неколку постоечки програми за вештачка интелигенција за да може автономниот робот да разликува борбени тактики, напад од одбрана и слично, па дури и за време на борбата може да научи нови потези и да ги применува.
QIBBOT прикажан на видеото е првиот прототип, а веќе се работи на неговиот наследник, кој ќе има две раце и повеќе зглобови за да ги направи движењата на роботот поприродни и попрецизни.
Поврзани артикли