На последната конференција WWDC, Apple воведе голем број подобрувања на iPhone, вклучувајќи опции како аудио пораки преку FaceTime и функцијата „Check In“. Сепак, iOS 17 доаѓа со повеќе нови алатки, вклучително и онаа што ги предупредува корисниците за потенцијално несакана експлицитна содржина.
Според блогот на Apple, добиваме увид како ќе функционира оваа функција. Имено, кога ќе примите експлицитна фотографија, ќе се појави прозорец во кој ќе ве праша дали сакате да го видите овој чувствителен материјал. Ова може да им помогне на корисниците да се заштитат од содржината што не сакаат да ја гледаат, известува Tech Crunch.
„Експлицитните фотографии покажуваат приватни делови од телото кои обично се покриени со долна облека или костими за капење“, се наведува во прозорецот. „Не сте одговорни, но сликите и видеата како ова може да се злоупотребат за да ви наштетат“. Прозорецот дополнително укажува дека лицето на фотографијата или видеото можеби не дало согласност за споделување на таква содржина.
Корисниците имаат три опции: можат да ја отфрлат или прегледаат содржината или да ја изберат опцијата „ways to get help“. Со оглед на тоа што iOS 17 сè уште не е достапен, не се знае точниот опис на опцијата, но се претпоставува дека ќе им даде на корисниците информации како да реагираат во ситуации на сексуално вознемирување.
Apple нагласува дека оваа функција е опционална и може да се активира или деактивира во поставките.
Како и сите други функции за безбедна комуникација на iPhone, процесот на откривање на потенцијално несоодветна содржина се одвива директно на уредот. Ова значи дека ако некому испратите ваша гола фотографија (со претходна согласност, се разбира), Apple нема да има пристап до вашите приватни слики.