Ах да, легендарниот HTC. Претпоставуваме дека меѓу нашите посетители има голем број на оние кои барем еднаш во животот користеле смартфон HTC.

Ако не сте знаеле, токму HTC го објави првиот Android телефон во светот наречен HTC Dream, уште во 2008 година. Се сеќаваме и на легендарните модели HTC One M7, M8 и M9 со оние, за тоа време, феноменални BoomSound звучници.

U12+ сè уште е последниот врвен модел од HTC. Беше претставен пред точно пет години и имаше неколку интересни карактеристики, како што е проѕирен заден дел, но беше далеку од било каква конкуренција на Galaxy S9 на Samsung или моделот iPhone Xs на Apple.

Меѓутоа, доколку има такви кои би сакале повторно да купат појак модел на HTC, носиме добри вести… Всушност, за почеток, има повеќе гласини и шпекулации.

На листата на Geekbench се појави модел наречен HTC U23 Pro. Бидејќи последна практика на HTC беше топ моделот да биде под ознаката U, веруваме дека и овој пат се подготвува нешто такво, особено што во продолжението ја има наставката „Pro“.

Сепак, најдобро е да не се избрзува со ознаката „flagship“, бидејќи според напишаното во спецификациите и кои јадра се наведени, описот најдобро одговара на чипот Snapdragon 7 Gen 1 на Qualcomm, кој е класа под најсилниот процесор од Qualcomm. Сепак, во спецификациите се споменуваат и 12GB RAM, која според она што моментално се нуди на пазарот, најмногу е резервирана за врвните модели.

Од самиот HTC се уште нема информации дека вакво нешто се работи, моделот под оваа ознака едноставно се појави на Geekbench, па засега се само шпекулации.

Но, бидејќи HTC неодамна почна почесто да објавува модели (само минатиот месец пристигнаа два поевтини телефони), веруваме дека нешто се случува во однос на појаките уреди.