Популарната комуникациска платформа WhatsApp крие многу тајни, односно разговори, фотографии и видеа кои треба да останат видливи само за луѓето кои учествуваат во овие разговори и не се наменети за други љубопитни погледи.
Со цел да ги заштити своите корисници, односно приватноста на нивната комуникација, WhatsApp им овозможи да ја заклучат апликацијата користејќи passcode и биометрика.
Но, што се случува во ситуации кога ќе го отворите WhatsApp, ќе ги погледнете пораките и веднаш ќе ја напуштите просторијата, без претходно да излезете од апликацијата, а некој од вашите пријатели, познаници или непознати лица е во близина? Во тој случај, тие можат да ја искористат ситуацијата и да пристапат до сите тајни што ги криете во WhatsApp.
Исто така, бидејќи многу луѓе користат исти лозинки за повеќе уреди и апликации, лице кое ја знае лозинката на вашиот телефон може да пристапи и до WhatsApp доколку ги користите истите лозинки, пренесува Zimo.hr.
Мета, се чини, реши да стави крај на ваквите ситуации и моментално развива нова опција фокусирана на приватноста на корисниците, со која корисниците треба да ги заштитат најтајните разговори.
Според страницата WABetaInfo, која е постојан извор на информации за новитети во рамките на апликацијата, WhatsApp сега подготвува опција која ќе овозможи заклучување на поединечни разговори со специјална шифра или препознавање на отпечатоци.
Ова ќе додаде уште еден слој на безбедност со кој корисниците ќе можат да ги заштитат најтајните разговори и комуникации до кои навистина не сакаат некој друг да има пристап. Исто така, во рамките на таквите заклучени разговори, WhatsApp нема автоматски да презема фотографии и видеа на телефоните.
Треба да се нагласи дека оваа опција сè уште не е тестирана, но се уште е во развој, а освен заклучување, се чини дека ваквите заштитени разговори би можеле да бидат скриени во самата апликација, односно нема да се прикажуваат заедно со други пораки и разговори. WABetaInfo засега нема конкретни детали, но идејата е секако интересна.
Откако оваа опција ќе стане достапна, ќе може да се користи за разговори помеѓу само две лица, но и за групни разговори.